Промоција на антологијата „Од поети за поети“, во избор на македонскиот поет Милован Стефановски, ќе се одржи вечерва, 23 август во рамки на „Струшките вечери на поезијата“ со почеток во 20 часот на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
„Во изборот на посветени песни од современите македонски поети, под заеднички наслов ‘Од поети за поети’, се застапени претставници на сите генерации, вкупно 53 поети од кои десет се поетеси, со околу три илјади и петстотини избрани стихови“, информираат од фестивалот.
Во првиот циклус насловен како „А верба кога има и преродба ќе има“ со поднаслов „Стихови за првенците, темелниците“, застапени се шеснаесет поети со вкупно дваесет и пет песни. Македонските поети, од Славко Јаневски до Славе Ѓорѓо Димоски, своите стихови им ги имаат дарувано на своите значајни претходници Константин Миладинов, Григор Прличев, Рајко Жинзифов, Никола Ј. Вапцаров и Кочо Рацин.
„Во тековите на современата македонска поезија пак, почнувајќи од средината на минатиот век, поточно со појавата на првите книги песни од првата и втората генерација македонски поети, па во сите децении наваму вклучувајќи ги и овие две од новиот милениум, имаме видливо сериозна продукција и на стихови посветени на други поети. На почетокот таков е примерот со поетите Блаже Конески, Славко Јаневски, Србо Ивановски, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Анте Поповски кои, во најчест случај, свои стихови им посветуваа на своите претходници односно на преродбениците“, истакнува Милован Стефановски.
Во вториот циклус се опфатени песни посветени на Блаже Конески. Во неговиот лик и дело инспирација наоѓаат македонските поети од сите генерации, почнувајќи од неговите врсници, од неговата генерација и тие блиску до неа, па сè до најмладите. Така, во овој избор се вклучени четириесет и две песни од дваесет и девет македонски поети.
Третиот и последен циклус на овој избор е најобемен, има триесет и осум застапени поети со вкупно осумдесет и четири песни. Овие поети заедно имаат посветено песни на други триесет и тројца македонски поети, најмногу на Гане Тодоровски, Анте Поповски и на Петре М. Андреевски – по девет песни, на Михаил Ренџов седум, а на Ацо Шопов, Радован Павловски и на Богомил Ѓузел по пет песни.
„Подоцна, особено со профилирањето на претставниците на исклучително талентираната трета поетска генерација во современата македонска поезија, зачестија објави на песни посветени на свои колеги поети. Тој вид на инспиративна жилка мошне бележито и со видлива полнокрвност, како во периодиката така и во публикувањето на одделни стихозбирки, продолжи да се протега од почетокот на шеесеттите години на минатиот век, па сè до почетокот на третата деценија од новиот милениум, односно до денес“, додава Стефановски.