Вечерва, во 20 часот во Јавна соба, ќе се одржи мултимедијална промоција на поетската книга „Црни дупки во нас“ од Марта Маркоска.
Двојазичното, македонско-англиско, издание на книгата „Црни дупки во нас“ е издадено од страна на Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“, како резултат на наградата „Тодор Чаловски“ (2015) која е признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми за млад автор од Македонија.
Наградата е основана во 2015 година и се доделува во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945 – 2015).
Марта Маркоска досега има објавено осум авторски книги. Покрај горенаведената книга, во нејзиниот опус се вбројуваат и „Црни дупки во нас“ (прво издание, 2014, награда „Бели Мугри“), поетските книги: „Стрмоглаво кон височините“ (второ издание, 2013), „Стрмоглаво кон височините“ (прво издание, 2012) и „Сите притоки се слеваат во моето корито“ (поезија, „Темплум“, Скопје, 2009). Книгата раскази „Вител во Витлеем“ (2010), книги есеи и студии: „Култура и меморија“ (2014), „Расправа за Зен будизмот: религиско-филозофски трансценденции помеѓу источната и западната мисла“ (2013), и „Хипер хипотези“ (2011).
Книгата „Црни дупки во нас“ беше презентирана и промовирана во рамки на 22-та Галичка книжевна колонија, а есенва беше претставена и на поетски фестивали во Романија, Бугарија и Турција. Книгата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија од програмата за финансирање проекти од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2016 година како и од Град Скопје.