Управата за заштита на културното наследство и Кинотеката на Македонија денеска организираат специјална презентација и промоција на дигитализираниот филмски опус и ДВД изданието на доајенот на македонската кинематографија Бранко Гапо.
Проектот за дигитализација на режисерскиот опус на доајенот на македонската кинематографија Бранко Гапо ги опфаќа играните филмови „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Истрел“, „Најдолгиот пат“, „Време, води“ и „Македонска сага“.
Во рамки на долгогодишниот проект на Кинотеката на Македонија „Дигитализација и дигитална реставрација на аудиовизуелното наследство“, почнувајќи од 2011 година досега дигитално се реставрирани и дигитализирани: филмскиот опус на браќата Манаки и документарниот филм „Македонија во слики“, „1923“ на Арсениј Јовков, кои согласно Законот за заштита на културното наследство се прогласени за културно наследство од исклучително значење.
Дигитализирани се и опусите на режисерите Столе Попов, Љубиша Георгиевски и Милчо Манчевски, филмовите „Татко“ („Колнати сме, Ирина“) на Коле Ангеловски, „Хај-фај“ на Владимир Блажевски и „Жед“ на Димитрие Османли, односно вкупно 15 играни филмови, четири документарни и два краткометражни играни филма.