Промоција на ДВД-изданието „Македонски кратки играни филмови“ во Кинотека на 25 јуни

Со почеток во 12 часот и 45 минути, на 25 јуни во Кинотеката на Северна Македонија ќе биде промовирано ДВД-изданието „Македонски кратки играни филмови“, во рамки на филмскиот фестивал „Златна рамка“.

Изданието е најновиот реализиран проект на Кинотеката и претставува пресек на македонската кратка играна филмска форма.

„Во него се сместени вкупно 31 краток игран филм, што даваат еден вид преглед на она што е создавано во македонската кинематографија – уште од нејзините повоени институционализирани почетоци па се до денес. Кинотеката, како една од своите примарни задачи – освен прибирање, обработување, чување и заштита на филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, национално, научно, историско и друго општествено значење – ја има задачата и да ги презентира тие материјали“, се додава во најавата за настанот.

Инаку, промоцијата е дел од програмата на третото издание на фестивалот „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија кој ќе започне на 25 јуни и ќе трае до 27 јуни, под мототот „Повторно влегуваме во наш филм“.