„Колку убав погреб“ и „Животот е краток и нејасен“ се две нови книги на авторот Марјан Анѓеловски кои вечерва ќе бидат промовирани во Дом на Млади во Штип преку хумор, сатира и театарски перформанс.
Промоцијата ќе започне во 19 часот, а книгата ќе биде промовирана од страна на поетесата Снежана Стојчевска. Со свој читачки и театарски перформанс настанот ќе го збогатат актерите Петра Ивановска, Сара Николовска, Елена Ѓорѓевска и Ристе Мицевски.
„Колку убав погреб“ е роман кој зборува за животот на бездомникот Ангел, кој живее од смртта на другите, хранејќи се од погреб на погреб. На еден погреб, ќе ја запознае девојката Марија и нивните животи ќе се променат засекогаш, објаснуваат организаторите.
„Животот е краток и нејасен„ е мошне инспиративен драмски текст што пред секој негов иден режисер ќе ја постави вечната загатка „Кои сме и каде одиме?“, истакнува писателот Љупчо Силјановски.
Марјан Анѓеловски е автор кој пишува и настапува низ земјава и низ Балканот со хумор, сатира и театарски претстави, а работи и како сценарист во тв-емисии. Автор е на книгите „Македонијо, off мори мајко“, „Го силувавме ежот“, како и коавтор на книгата „Три ем“. Како сценарист има работено во телевизиските емисии „Фчерашни новости“ и „Еден на еден“. Добитник е повеќе домашни и меѓународни награди, меѓу кои и наградата „Млади Типар“ за најдобар млад сатиричар на поранешните ју-простори во Пљевља – Црна Гора (2017 год.).