Промоција на „Емотивен талог“ од Ана Јовковска

„Емотивен талог“, најновата книга на новинарката и научната истражувачка Ана Јовковска, вечерва, на28 април, ќе биде промовирана во МКЦ Клуб ресторанот со почеток во 19 часот.

Книгата ќе биде промовирана од промотерките Ана Мартиновска и Соња Стојменска-Елзесер, додека поговорот на книгата е напишан од Гоце Смилевски.

„Приказните од кујната на Јовковска се ’искрчкани натенане‘, сериозно промислени и продлабени низ слоевите на колективните матрици, но едновремено длабоко прочувствувани и процедени низ решетките на сопственото искуствено доживување. Во нив таа навидум се занимава со себе и женските револуции кои ги води, на свои 40 години, но нејзиното интимно соголување, всушност, крие гандиевска филозофија зад себе, длабоко верувајќи дека со личниот пример може да го трасира патот кон поправеден, послободен и попродуховен свет“, вели Мартиновска.

Во расказите и колумните застапени во „Емотивен талог“ Јовковска пишува за релациите на себството и Другиот, слободата и љубовта, диктатот на технологијата, моралот и ропството, болката и неправдата, родовите прашања, предизвиците на мајчинството, социо-емоционалниот развој на децата, консумеризмот наспроти грижата за природата, преобмислувањето на културата и уметноста.

„Шармот на оваа книга лежи во нејзината непосредност и интимност, во искреноста и непретенциозноста со кои Ана Јовковска му пристапува на промислувањето на егзистенцијата во еден свет кој постојано се менува, низ наративните пасажи во чиј фокус се најличните нешта, мисли и ставови, кои произлегуваат од односите со нејзините најблиски“, пишува за книгата Гоце Смилевски.