Промоција на книга и изложба од Јован Јосифовски утре во „Приватен принт“

Изложбата насловена „Will you tell them?“ од уметникот Јован Јосифовски ќе се отвори утре (7 септември) во просториите на издавачката куќа и студио за интердисциплинарни уметности „Приватен принт“.

На изложбата што ќе се отвори во 19:00 часот ќе биде промовирана и книга составена од повеќемесечното истражување и работа на авторот во соработка со студиото.

„Делата на изложбата преставуваат надополнување на неговата работа на книгата насловена ‘Iused to be a lovely boy but turned out queer – an archive of personal belongings’, каде авторот, преку фотографии од семејните албуми, домашни телефонски именици и лични предмети, ги интерпретира своите искуства, како и поимот квир. Книгата составена од четири поглавја нè носи низ четири различни варијации на читање на темата, дури и кога се работи за чиста визуелна информација. Насловот на изложбата Will you tell them? е истовремено и наслов на последното поглавје на книгата“, се вели во најавата за утрешната промоција.

Од издавачката куќа „Приватен принт“ информираат дека книгата ќе биде достапна да се купи за време на изложбата, а потоа ќе може да се најде во книжарниците низ Скопје како и на онлајн продавницата за книги „КупиКнига.мк“.

Јован Јосифовски дипломирал графичар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и неговата досегашна практика главно се заснова на работа со колаж и цртеж.