Вечерва, во Салон 19.19 во КИЦ, со почеток во 19.30 часот ќе се одржи промоција на книгата ,,10+1 прашања и одговори за македонското прашање’’ од Костис Карпозилос и Димитрис Христопулос, како и дебата за македонското издание на книгата во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.
„Опсесивните идеи на национализмите, по природа, живеат во услови на непријателство, но и на сојузништво: едниот национализам функционира со зајакнување на другиот, за да може убедливо да се повика на својата закана, за да може да ги моделира интроспекцијата и вербата во „сопствените“ вистини. Вистини што само тој ги знае и ги разбира… Единствени и очигледни. Најчесто убиствени „вистини“, меѓутоа лабави, изградени врз митови“, вака пишуваат авторите во воведот на книгата, која демистифицира и дава објективен приказ на митовите и вистините кои се преплетуваат скоро три децении околу овој спор, и кои наместо мостови за соработка и прогрес, изградија нитки од омраза и нетрпение на двете страни.
Во дебатата ќе учествува Димитрис Хрисопулос, еден од авторите на книгата, професор на Универзитетот „Пантеон” и претседател на Меѓународната федерација за човекови права; Михалис Барцидис, филозоф, научен директор на Институтот „Никос Поланцаз“ од Грција и универзитетските професори Ирена Стефоска и Љубомир Фрчкоски.
*Линкот од видеото е додаден во текстот по завршувањето на настанот.