На 30 ноември од 12 часот во Салон Империјал 2 на Културно информативниот центар ќе биде промовирана збирката раскази „Деконструкција на празнината“ на писателката Даниела Андоновска-Трајковска.
Книгата, која е во издание Центар за култура и културолошки студии (ЦККС), ќе ја промовираат Лорета Георгиевска-Јаковлева и Мишел Павловски, а музички настап ќе има Билјана Петровска.
Во книгата се застапени 57 раскази, поделени во седум циклуси: „Деконструкција на танатосот“, „Деконструкција на празнината“, „Деконструкција на дијалогот“, „Деконструкција на домот“, „Деконструкција на живиот текст“, „Деконструкција на поезијата“ и „Деконструкција на поезисот“
Даниела Андоновска-Трајковска (1979, Битола) е македонска поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола. Член е на: Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна, Битолскиот книжевен круг (БКК) и Македонското научно друштво (МНД) – Битола каде во два мандата била претседател на Уредувачкиот совет. Главен уредник е на книжевните списанија „Раст“ (БКК) и „Современи дијалози“ (МНД). Има објавено над 100 научни трудови, 9 книги поезија, книга со раскази, коавторска поетска книга на англиски јазик во Индија, книга на арапски јазик објавена во Обединетите Арапски Емирати, коавторска песнарка за деца, две меѓународни публикации од областа на образованието и еден универзитетски учебник. Преведена е на над 40 јазици и добитник е на неколку книжевни награди меѓу кои: Празник на липите (ДПМ, 2018), „Крсте Чачански“ за проза (2019), Караманов 2019 за поезија, Македонска книжевна авангарда (2020), Abduvali Qutbiddin (Узбекистан, 2020), Premio Mondiale “Tulliola-Renato Filippelli” (Италија, 2021), “Città Del Galateo – Antonio De Ferrariis” (Италија, 2021) и „Ацо Шопов“ за „Математичка поезија“ (ДПМ, 2020).