Промоција на книгата „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорѓо Димоски во среда

Стихозбирката „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорѓо Димоски ќе биде промовирана во среда (9 октомври) со почеток во 19:30 часот во Салон Империјал 2 во Културно-информативниот центар Скопје.

Стихозбирката е во издание на „ПНВ Публикации“, а промоцијата е во соработка со Град Скопје. Книгата низ разговор со авторот ќе ја претстави Јулијана Величковска

Славе Ѓорѓо Димоски завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основач е и претседател на Поетска ноќ во Велестово, бил претседател на Управниот одбор на Национална установа Струшки вечери на поезијата. Член е на ДПМ, на македонскиот ПЕН центар и на академијата „Анте Поповски“. Автор е на деветнаесет стихозбирки, на шест книги за деца, на книги есеи и активно препејува. Негови поединечни песни и поески циклуси преведени се на над триесетина јазици, а 19 одделни книги му се преведени на англиски, руски, српски, турски, шведски, хрватски, полски, азерски, бугарски и др. Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Антево перо“, „Григор Прличев“ за најдобра поема, „Гранпри Исток-запад“ (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија) и др,. Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година.

Изданието е поддржано од Министерството за култура и беше во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 г. што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата.