Монографијата „Конопот во Македонија“ ќе биде промовирана на 20 април, среда, во кафулето „Излет“. Монографијата е во авторство на Влатко Деков, а промоторка на делото ќе биде Ирена Цветковиќ. Промоцијата ќе започне во 11 и 30 часот.
„Конопот ја играше улогата на магичен дух кој ги поврзуваше луѓето во некоја заедничка свест во која доминираа љубовта, имагинацијата, добрината и заедништвото, а кај значаен број на консументи и интелектуализмот“, се вели во првата македонска монографија од овој вид.
Според Деков, откритијата во Пиринска Македонија пронајдени во езерото Долгото на Пирин Планина кои датираат од пред 10 200 до 8 500 години се најверојатно првите документирани случаи на присуство на коноп во Европа.
Од седумдесеттите години на ХХ век се забележуваат нови трендови во Македонија, употреба на конопот претежно за уживање.
„Културата на пушење коноп започнува да се развива речиси истовремено во Струмица, во Гевгелија и во Скопје. Клучните луѓе за популаризирање на употребата на конопот заради задоволство доаѓаат од струмичкото село Добрејци. Во тие времиња имало неколку луѓе езотерици кои патувале низ светот и ја носеле таа култура во Македонија. Секако најзначајна личност бил Ристо Божинов од Добрејци кој бил многу харизматичен човек со шамански карактеристики во смисла дека луѓето верувале во него и во неговата магична моќ. Во Непал се среќава со еден од учениците на Дон Хуан и на Карлос Кастанеда. Тој му го предава на Ристо неговото знаење за пејотл, татулата и го запознава со шаманската култура“, пишува Деков.
Тој дополнува дека од почетокот на XXI век употребата на коноп добива нов контекст, па сè повеќе луѓе, во светот и во Македонија, почнуваат да употребуваат масло од коноп поради неговите лековити својства.