Во понеделник (27 ноември) во 12 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе биде промовирана книгата „Книжевни крстопати“ од Звонко Танески. За книгата ќе говорат Ана Стојаноска и Лидија Танушевска.
Книгата, во издание на „Полица“, суштински се занимава со дводомните автори на кои им припаѓа и самиот Танески, а кој повеќе од петнаесет години е активен дејствувач во две државни култури – македонската и словачката, се посочува во најавата за промоцијата.
„Книгата започнува со за приемот на јужнословенските книжевности во Словачка по 1989 година, од корпусот на т.н. ‘дислокациски автори’ чие книжевно творештво е еднакво добро ‘одомаќинето’ минимално во ‘два дома’ (независно дали ќе го согледаме феноменот низ призмата на нивните животни преселби или низ призмата на книжевниот превод што дополнително и уште посилно им го зацврстува присуството во сè поголемиот број различни јазични средини), а потоа се сосредоточувам исклучиво на македонската книжевност и прикажувам објективна и исцрпувачка рефлексија на неколкумина македонски книжевни великани во словачкиот културен простор“, вели Танески во предговорот на книгата.
Танески е роден 1980 година во Кичево. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје (2002). Остварил студиски престој на Универзитетот во Перуџа, Италија (2003). Докторирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава, подоцна уште докторирал и на Катедрата за превод и толкување на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра.
Тој е е добитник на повеќе домашни и странски награди и признанија, како за неговиот поетски, научен, така и за неговиот преведувачки опус, меѓу кои и наградата од министерот за надворешни работи и европски прашања на Р. Словачка за исклучителни заслуги за развојот на пријателските односи со Р. Словачка од областа на науката, културата и уметноста во 2018 година и други.
Промоцијата на книгата е дел од програмата на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.