Промоцијата на новата поетска збирка на Снежана Стојчевска насловена „Модри фантазии“ ќе се одржи во понеделник (16 март) во Планетариумот на МКЦ со почеток во 20 часот.
Книгата која е во издание на „Темплум“, ќе биде претставена преку поетски перформанс во кој учествуваат Николина Андова Шопова, Ана Голејшка, Ѓоко Здравески, Елена Митреска, Даниел Карески, Владимир Мартиновски и Перо Сарџоски.
Стојчевска е дипломирана на Институтот за Педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во 2012 ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“, издание на ИЛИ-ИЛИ како дел од едицијата Русалки во која се јавува како уредник.
„Модри фантазии“ е нејзина трета книга поезија. Таа за нејзиното второ дело „Под нулата“ ја доби наградата „Бели мугри“ за 2013 година, што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје.