„Недопрени бисери“ е новата збирка раскази од писателката Ленче Милошевска што ќе биде промовирана утре во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
Промоцијата ќе започне во 12 часот во спомен-собата „Т’га за југ“, а за делото ќе говори писателката Марина Мијаковска, и Винсент Виличник кој ќе чита фрагменти од книгата.
„’Недопрени бисери’ е книга раскази и кратки приказни. Во нив се опишани секојдневни реални ситуации, семејни релации, душевниот (не)мир, посветеност и свртеност кон природата и животните, контексти диктирани од пандемиската реалност, како и многу приказни поврзани со родниот град на авторката, Скопје“, се вели во описот за книгата.
Милошевска е поет, романсиер и преведувач. Таа е автор на четири романи, пет стихозбирки и дваесетина преводи од англиски, српски и хрватски на македонски јазик. Застапена е во повеќе поетски антологии, а нејзините песни се преведени на повеќе јазици. „Недопрени бисери“ е нејзина втора книга раскази.