Утре во 19:00 часот во ГЕМ клубот ќе се одржи промоција на книгата „Невозможни исповеди: Субјект, моќ и етика“ од Славчо Димитров.
За книгата ќе говорат проф. Јелисавета Блогојевиќ, филозоф и квир и родова теоретичарка, од Факултетот за медиуми и комуникации -СИНГИДУНУМ во Белград, и проф. Јасна Котеска, книжевна теоретичарка и теоретичарка на културата, од УКИМ, Скопје.
Книгата „Невозможни исповеди: Субјект, моќ и етика“ од Славчо Димитров ги иследува и проблематизира комплексните и многустрани модуси на испреплетување и сопоставување, низ современ и дијахрониски ракурс, на дискурсите на исповед и конституцијата, перформацијата и деконструкцијата на категоријата на субјектот како доминанта епистемолошка и политичка оска на Западната европска цивилизација.
Во својата книга Славчо Димитров овој значаен теориски проект успешно го реализира преку интеграција на неколку клучни методолошки парадигми (Фуку, Дерида, Хегел, Батлер). Предмет на интерес на книгата е можноста за критика, проблематизација и деконструкција на субјектот во својата поставеност во рамките на исповедниот дискурс, кој понатаму отвора хоризонти на можности на преобмислување на етичките односи со Другиот и со себеси, како поле на политичкото и политичкото дејствување отаде јазот на исповедта, вистината и субјективноста/идентитетот. Во книгата Димитров го анализира односот меѓу исповедните карактеристики на субјектот и современиот политички поредок (демократија и неолиберализам) и прерогативи, како и последиците на исповедниот дискурс и идентитет врз политичкиот активизам, односно формите на политизација на идентитетот.
Текстот нуди сериозна рефлексија врз хоризонтот на можности за преосмислување на политичкото живеење, политиките на отпор и идентитет, етичката релација со Другиот и демократијата како најгорливи прашања во актуелната политичко-филозофска и културолошка дебата во светски рамки, односно можностите за смислување/конструкција на политички простор надвор од категориите на субјектот и (само)идентитет.
Книгата е издадена на македонски и англиски јазик во издавачката програма на Галикул за 2014 година. Истата е финансиски подржана од Министерството за култура на Република Македонија.
Славчо Димитров (р.1984) има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книѓевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Скопје. Магистрира, првин, на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа на катедрата за Мултидисциплинарни родови студии на Универзитет на Камбриџ. Моментално ја работи својата докторска теза на Институтот Евро-Балкан.