Книгата „Телесност и отелотворување: иконографии на човечкото тело“ од Гоце Наумов ќе биде промовирана во среда (10 јануари) во 20 часот во кино салата на Музеј на Република Северна Македонија.
„’Телесност и отелотворување’ ги обработува можните форми на проучување и разбирање на претставеното човечко тело во минатото. Иако, главно, се заснова на неолитските фигурини и антропоморфните хибриди, ова дело оди чекор подалеку од археологијата и посегнува по други хуманистички дисциплини, како што се антропологијата, социологијата и филозофијата. Ова дело во голема мера ѝ помага на археологијата при проучувањето на луѓето во минатото, но во исто време може да се ползува и во рамките на историјата на уметноста, етнологијата, социологијата, театрологијата или синеастиката, односно во сите студии што се концентрирани на иконографиите и перформативноста на човечкото тело“, се вели во описот за книгата.
По промоцијата свој настап ќе има џез составот „Next to Silence“.
Гоце Наумов е доктор по предисториска археологија и континуирано ги проучува населбите, занаетите, ликовните претстави и обредите на првите земјоделски и металуршки заедници во Македонија, Балканот и на Блискиот Исток. Во фокусот на неговата специјализација се Пелагонискиот и Охридско-Преспанскиот Регион.
Досега има публикувано пет монографии и над 80 реферати за издавачки куќи во Оксфорд, Лондон, Кембриџ, Њујорк, Лос Анџелес, Рим, Хајделберг, Минхен, Виена, Москва, Берн, Киев, Аделаид и други. Во рамките на афирмирањето на предисториското културно наследство, тој држел предавања и презентации на различни, престижни универзитети во светот, а има организирано изложби во Чикаго, Њујорк, Отава–Гатино, Удине, Нови Сад и Скопје.
За своето истражување, добитник е на награди од Европската асоцијација на археолозите, Предисториското здружение од Лондон и ИКОМ, а од неодамна е истражувач на Ајштајновиот центар во Берлин.