Промоција на книгата „Видеологија“ од Златко Ѓелески во МКЦ

На 29 јуни, среда, со почеток во 20 часот на платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе се одржи промоција на збирката филмски рецензии и есеи за домашните и светски филмови од 2019 и 2020 година насловена „Видеологија“ на авторот Златко Ѓелески.

Книгата, како што информираат организаторите, ќе биде претставена низ разговор со авторот кој ќе го води Јулијана Величковска, главниот уредник и основач на ПНВ Публикации, во чие издание е и „Видеологија“.

„Книгата е поделена на два дела, од кои првиот дел содржи анализа на долгите и на кратките играни и документарни филмови што беа продуцирани и снимени во нашата земја, а вториот дел од книгата содржи избор на дваесетте најквалитетни долги играни и документарни филмови што се појавија во 2019 и во 2020 година во светски рамки. Оваа книга е наменета да претставува еден вид огледало и на домашната и на светската филмска сцена, да се воочат начелата според кои е препознаен стилскиот израз на домашните филмски автори, наспроти визуелниот маниризам на реномираните светски филмски автори и младите гласови што пирово се пробиваат во рамките на квантитативната понуда на филмски дела“, стои во најавата иа настанот.

Истовремено, тие додаваат дека „Видеологија“ на читателот му ги доближува значајните актуелни остварувања, со тенденција таа да прерасне во книжевен серијал, со цел објективно да се истакнат високите естетски вредности на модерниот филм.

 

Ѓелески е писател и филмски, музички и книжевен критичар. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Со филмска критика активно се занимава од 2008 година.