Книгата „Вовед во славистиката“ од Емил Ниами ќе биде промовирана на 25 јануари во Културно информативниот центар – Скопје со почеток во 19 часот.
Станува збор за книга која се занимава главно со историјата на словенските јазици што, како што пишува во описот, ја прави прва од ваков тип во нашата земја.
„Во неа е даден кус историски осврт на славистиката како наука, по што се дава и куса историја на Словените. Фокусот на книгата е ставен на описот на сите словенски јазици, како на живите, така и на мртвите, и тоа е направено на еден современ начин со многу полезни детали кои се важни во современоста. Во книгата, исто така, има и дел којшто се занимава со обидите за создавање на сесловенски јазик од минатото до денешен ден“, пишува во најавата за промоцијата.
Емил Ниами е доктор на филолошки науки. Во 1999 година дипломирал на групите за руски јазик и книжевност и на американски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. До 2007 година работел во А1 Телевизија на различни позиции. Од 2007 до 2011 година предавал македонски јазик на МДУ „М.В. Ломоносов“. Автор е на првиот „Речник на паронимите во македонскиот јазик” (2020), првиот „Речник на антонимите во македонскиот јазик” (2021) и на првиот „Речник на хомонимите во македонскиот јазик (2022), а исто така е и автор и главен редактор на првиот „Речник на медиумската писменост. Се занимава со теми од областа на лексикографијата, лексикологијата, социолингвистиката и традуктологијата.
Промотори ќе бидат Димитар Пандев и Красимира Илиевска, а модератор Мишел Павловски.