Промоција на книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“ од Симона Јованоска

Илустрираниот роман за деца на Симона Јованоска, со илустрации на Алексеј Костовски ќе биде промовиран на 8 декември, четврток во Детскиот креативен центар при МКЦ.

Со почеток во 18 часот, во рамки на промоцијата ќе се одржи и читање на делови од книгата и креативна работилница за деца на возраст од 5 до 9 години, инспирирана од градот Вабу и неговите жители.

„Додека Нави го набљудуваше балонот, балонот ја набљудуваше собата на Нави: мал кревет со две перници, полица со три фиоки, што ли се крие внатре? Мала полица со книги и уште една со фотографии во рамка, закачалка, глобус и многу играчки! – Хм, за џабе си го губам времето, ти си само еден обичен балон – си рече Нави и отиде да си игра“, гласи краткиот извадок од делото.

Симона Јованоска е родена во 1985 година, во Гостивар. Во родниот град завршила средно економско училиште, а потоа Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавува дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“, во издание на „Или-или“. Во 2019 година за расказот „Последниот кат“, Јованоска го добива второто место на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“. Во 2021 година, Јованоска го објави и својот прв роман „Денот на црвот“, во издание на „Или-или“, кој се закити со наградата „Роман на годината“ за 2022 година.