Во рамките на годинешниот „Скопје филм фестивал“, во понеделник (23 април) во 19 часот, Левичарското движење „Солидарност“ ќе ја промовира книгата „За засрамените геј мажи“ од Ендру Хоџс и Дејвид Хатер.
Според најавата, авторите на смел и бескомпромисен начин прават анализа за тоа како геј луѓето се самоугнетуваат и стануваат агенс во системот на културна опресија во општествата.
„Напишан во 1974 година, овој памфлет цели кон истражување и објаснување за тоа како, преку самоопресирање, ѝ дозволуваме на хомосексуалната опресија да го одржи својот огромен успех. Започнува онаму каде што застанаа психијатријата и хомосексуалноста и не се обидува да ги открие причините за хомосексуалната опресија, туку средствата со кои таа се служи. Напишан е од хомосексуалци, за да биде читан од хомосексуалци, со избор на тема што значи дека во целост ќе заземе критички став“, стои во најавата за настанот.
Промоцијата е поддржана од Цивика мобилитас, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).