Во рамки на деветтото издание на фестивалот за критичка култура „Крик“ насловено како „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“ денеска (3 јули) со почеток во 19 и 30 часот во националната галерија „Чифте амам“ ќе се одржи промоција на книгата „Уметност и револуција“ во превод на Катерина Шекутковска, низ дијалог помеѓу авторот Гералд Рауниг и социологот Ивана Драгшиќ.
„’Уметност и револуција’ е своевидна алтернативна историја на уметноста на ‘долгиот дваесетти век’ која го покрива периодот од Париската комуна, од 1871 година до турбулентните протести против глобализацијата во Џенова во 2001 година“, велат од организацијата „Контрапункт“ која го организира фестивалот.
Оттаму додаваат дека оваа книга ги охрабрува новите генерации уметници и мислители да одбијат да учествуваат во истрошените рецепти диктирани од пазарот и авторитетите, а наместо тоа да создаваат радикални нови методи на социо-културно ангажирање.
„Рауниг развива неопходна, современа концепција за политичка промена – концепција што ги надминува застарените формулации на востание и отпор. Според Рауниг, се пролеа премногу крв и мастило за уметничките машини да смеат да си дозволат да останат одвоени од револуционерните машини“, истакнуваат организаторите.
Додека пак, утре (4 јули) со почеток во 19 и 30 часот во „Чифте амам“ ќе се случи промоција на книгите „Дивидуа“ и „Дисемблажа“ во превод на Жарко Трајаноски и дискусија со теоретичарот на уметност и филозофот Рауниг за „(Ин)дивидуалноста на ерата и семблажите“.
Рауниг ќе ги презентира своите ставови преку дијалог со бугарскиот филозоф и теоретичар Станимир Панајотов, а делата кои ќе ги претстави се дел од неговиот голем теориски и епистемилошки проект наречен ‘Машински капитализа и молекуларна револуција’.
На промоцијата низ разговор ќе се разгледа значењето и влијанието на „клучните критички прашања на нашето време“: Каква трансформација опишува машинскиот капитал? Што претставува концептот на дисемблажата, и која е политичката тежина на „асемблажата“? Дали дивидуата е „подобар“ облика на „себството“? Дали „дисемблажата“ е во спротивност на другоста? Дали естетиката е невозможна форма на политика денес?
Во петок (5 јули) во културниот центар „Јадро“ ќе има проекција на филмот „Екзитус“ на Красимир Крумов и предавање за него насловено како „Филозофија и литература против неолиберализмот“ од Панајотов.
„Во 1989 година, режисерот Крумов го издал својот прв долгометражен филм ‘Екзутис’, адаптирајќи ја епоничната новела на Златомир Златанов како критика на застојот на доцното социјалистичко бугарско општество“, објаснуваат организаторите за настанот во петок.
Предавањето на Панајотов ќе се фокусира на филозофската позадина на Златанов во „Егзитус“ и нејзината поставеност во истоиениот филм, а накратко ќе претстави и како Крумов ги интегрира и литературата и филозофијата во неговото кино и специфичното вооружување на источната филозофија за време на доцниот социјализам.
„Наследството на Крумов треба да се сфати како осамена и неочекувана критика на доцниот социјализа и раниот капитализам, речиси целосна туѓа и во бугарската и во источноевропската реалност на раните 1990-ти години, критика која останува трансидеолошка и взаемно напуштена“, додаваат од „Контрапункт“.
Книгите кои ќе се промовираат се дел од едиција „Пунктум“ посветена на новите критичко-теориски правци на мислата и дејствувањето.
Инаку, овогодинешното издание на фестивалот за критичка култура „Крик“ започна на 26 април со изложбата „Црвеното училиште“ на Дубравка Угрешиќ.
Деветтото издание на фестивалот за критичка култура „Крик“ започнува со изложба на Дубравка Угрешиќ