Промоција на „Мастерклас: разговори со домашни режисери“ од Златко Ѓелески во среда

Во бифето на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, во среда од 20 часот ќе се одржи промоција на книгата „Мастерклас: разговори со домашни режисери“ од Златко Ѓелески. Промотор на книгата ќе биде Влатко Галевски, а модератор Јулијана Величковска.

Книгата содржи шест долги и темелни разговори со Милчо Манчевски, Владимир Блажевски, Антонио Митриќески, Горан Тренчовски, Светозар Ристовски и Игор Иванов – Изи.

„’Мастерклас’ на Златко Ѓелески е радио/книжевно сликарство или радијски документаристички серијал, каде авторот и буквално ги екстериторизира раскажувањата на соговорниците, нивните погледи и искуства, со манир на истражувач на личностите и на нивните алхемиски творби. Нивната заемна комуникација повремено поприма чудесни релации – надополнување, синхронитет, рефлексија, медитативност, исповед, заемна доверба, а официјалноста на средбата Златко ја трансформира во доверлив, безмалу пријателски, разговор. Документаристички структуирано, ‘Мастерклас’ е четиво што наликува на мозаик, во кој се преплетуваат и формално естетските аспекти, етичкото и соборното. Ѓелески е несомнено посветен и вешт портретист. (…) Ова се високопрофесионални макроприближувања до суштината на уметноста со која се занимаваат неговите соговорници.
Со читањето на ‘Мастерклас’ сте се нафатиле на ‘тешка’ маратонска читачка дисциплина, но, ве уверувам, ќе дојдете до целта слатко уморни со сознанија што ќе ви ги збогатат вашите духовни и љубопитни потреби. Благодарение на портретираните личности, но пред сѐ благодарение на неуморниот хроничар и познавач на филмот, Златко Ѓелески ‒ Влатко Галевски“, се посочува во најавата за настанот.

Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар.  Досега има објавено три збирки раскази, односно „Морбидизам“ во 2013 година, „Колекционерот на страв“ во 2015 година и „Понор“ во 2019 година, а секоја година неговите раскази се преведуваат и се објавуваат на српски јазик, во неколку балкански антологии. Претходната година беше објавена неговата четврта книга, односно прва збирка филмски есеи и рецензии „Видеологија“. Расказите му се наградени и на неколку натпреварувачки конкурси во државата и објавени во различни спијанија и збирки, дигитални и печатени.