Промоција на „Несреден век“ од Тихомир А. Јанчовски во Кинотека

Во Кинотека на Македонија во недела (17 октомври) од 12 часот ќе се одржи промоција на книгата „Несреден век“ од Тихомир А. Јанчовски. Ако времето е убаво, промоцијата ќе биде на отворено, ако не – внатре во Кинотеката.

Промотор на книгата е Тања Аждаја, а на промоцијата песни ќе читаат Оливер Белопета, Добрила Грашеска, Зоран Тортевски, Емилија Пападимитров и Горазд Кени Китановски.

Во музичкиот дел ќе настапи групата „Летечки пекинезери“. Ќе има визуелен перформанс на Страхил М. Петровски, а специјални гости ќе бидат „Мизар“. Исто така, како ВИП гости се најавени Мартин Хомза и Оксана Фурс. Водител – Тихомир Јанчовски.

Промоторката на книгата, Тања Аждаја, пишува дека за разлика од многу други литературни (пред сѐ поетски) дела кои ги има почувствувано, кога би тргнала да го дисекцира значењето на секоја песна од „Несреден век“, секое наредно читање би ѝ додавало нови значења, небришејќи ги претходните.

„Збогатувајќи го читателот, а некрадејќи од неговото време. Нешто како песните да ме читаат мене, а не јас нив. Такво е и генералното творештво на Тихомир Јанчовски, а во оваа збирка секој од зборовите успева да биде набиен со свој автентичен полнеж. Токму тоа е и причината поради која јас ја имав честа, не обврската; радоста, не задачата; и благодарноста, не заслугата, да бидам дел од ова уредништво, заедно со самиот автор“, пишува Аждаја.

Самиот Јанчовски на социјалните мрежи пишува дека средниот век не треба да се сфати само како време од петтиот до петнаесеттиот век, среден век е и средовечната возраст на човекот, откај 35 до 65.

„А среден век е и обратно од неСреден век, век во кој сѐ е средено и подредено, без неред и хаос. Е сега… кој е мрачен, а кој светол, среден или несреден… јас си знам, а и вие претпоставувате. Мракот е во присилата и едноумието, наметнувањето на своето над сите, а тие гадости, мерзоста на запустувањето ги има и во средниот и во 21-от, несредениот. И не треба да се бира меѓу два мрака, било средновековен или сегашен, изборот е меѓу мракот и светлината, бил и ќе биде. А кому светлината му е банална, а мракот интересен, поарно и да не се родил, бидејќи освен ова постоење не сака да има други – и така и ќе му биде. Кој се плаши од смрт, ја љуби небиднината и ќе се смири дури кога ќе ја најде“, напиша Јанчовски.