Во пресрет на 42. Скопски џез фестивал (19-22 октомври), од фестивалот организираат промоција на новото (50) ЦД-издание на SJF Records, албумот „All the Sad Words in the Beggar’s Dictionary“ на Филип Букршлиев трио (Filip Bukrshliev Trio).
Настанот ќе се случува во петок, 13 октомври, од 19:30 часот во „Аудиокултура“ на улица Хелсинки 13 во Скопје.
„Станува збор за 9 композиции кои им пркосат на конвенционалните обрасци за стилска и жанровска дескрипција, резонирајќи во блескавите лавиринти на инспирација на нивниот креатор, чудесниот гитарист и композитор Филип Букршлиев. Албумот „All the Sad Words in the Beggar’s Dictionary“ претставува своевидна звучна сеанса, која ги повикува слушателите да ги дешифрираат неговите таинствени кодови. Оваа сонична загатка го спојува церебралното со висцералното, предизвикувајќи го слушателот да го декодира нејзиниот криптичен јазик и да ја прифати нејзината внатрешна дисонантна убавина“, соопштуваат од Скопски џез фестивал.
Триото го сочинуваат: Филип Букршлиев (гитара), Андреа Мирческа (контрабас) и Славчо Коцев (тапани и перкусии), а на албумот гостува и Констатин Хаџи Коцев (пијано и синтисајзер).
Композициите се снимени, миксани и мастерирани во април годинава од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на омотот е дело на Филип Коруновски. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.
„Промоцијата, којашто е дел од придружната програма на 42. Скопски џез фестивал, ќе биде зачинета со мини-настап во живо, во кој триото на Филип Буркшлиев ќе претстави дел од материјалот на новиот албум“, се вели во соопштението.