Во среда (5 март) со почеток во 19:30 часот во Европската куќа во Скопје ќе биде промовиран новиот број на списанието „Зенит“, а ќе се одржи и разговор со македонскиот режисер Милчо Манчевски.
„Во отворен и инспиративен разговор, Манчевски ќе сподели размислувања за својата уметност, за филмската индустрија, како и за темите што го инспирираат низ годините. Мал осврт кон содржините на списанието ќе даде главната уредничка Ана Витанова Рингачева“, се посочува во најавата.
Разговорот ќе го води Далибор Плечиќ, а модераторка ќе биде Сузана Мицева.
„Не пропуштајте ретка можност за средба со еден од најзначајните македонски автори и заедничка дискусија за неговата работа и новите перспективи што ги отвора новото издание на ‘Зенит’“, порачуваат организаторите.