Промоција на „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ во Центар-Јадро

Контрапункт во рамките на деветтото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, платформа која ја покрена во 2016 година, на 7 мај од 19:30 часот во Центар-Јадро организира промоција на македонското издание на книгата „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“.

Се работи за книга од Сузана Милевска, за која велат е една од нашите најзначајни теоретичарки на визуелната уметност култура и кураторка.

Промоцијата ќе се одвива во дијалошки формат помеѓу Сузана Милевска и Артан Садику, политички филозоф. Воведни зборови ќе има Искра Гешоска, теоретичарка на културата и културна работничка, а свои интревенции ќе има Тијана Ана Спасовска, историчарка на уметноста. Промоцијата е замислена како отворен дискурзивен и партиципациски настан што ќе вклучи и сесија со прашања и одговори од присутните.

„’Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти’ е избор од петнаесет есеи за париципациската уметност со фокус на уметноста во Југоисточна и Централна Европа. Милевска ги напишала и објавувала овие текстови на англиски во текот на повеќе од петнаесет години. За првпат, овие есеи се објавуваат заедно во оваа збирка, почнувајќи со првиот есеј напишан на оваа тема во 2006 година. Сите есеи се преведени на македонски јазик и уредени од Ана Димишковска, деканка на Институтот за филозофија и професорка по логика и филозофија, при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“, Скопје“, велат од Контрапункт.

Тие посочуваат дека Милевска ги артикулира и интерпретира плуралните, отворени, променливи форми во уметноста кои, сепак, претставуваат кохерентно единство, структура која потенцира и репрезентира одреден свет на релации помеѓу поединечните општествени и човечки и интимни наративи, помеѓу политичкото и уметничкотот.

„Зошто е од исклучително значење книгата со теориски артикулации и размислувања на Сузана Милевска – заради нејзината важна интервенција во етичко-политичката организација на промислувањето на партиципациската уметност, и заради нејзиното храбро и предизвикувачко отворање/поставување прашања преку чии можни одговори може одново да се освои изгубениот политички и уметнички простор, разбиен со безмилосните напади на глобалниот неолиберализам. Милевска освен што во една повеќегодишна епистемолошка перспектива нуди огромен спектар на предностите и замките кои со себе ги носи партиципациската уметност, таа едновремено, нѐ воведува во една поинаква перспектива низ која ги согледуваме и институционалните лавиринти, и постколонијалните спирали, а сето тоа, се разбира, со исклучително внимателно инсистирање на контекстите во кои се одвиваат ваквите динамики“, се вели во најавата.

Книгата на Милевска Контрапункт ја објави и на англиски јазик, а промоцијата на англиското издание беше во март 2024 година, во Њујорк.

Инаку, Сузана Милевска е кураторка и теоретичарка на визуелните уметности и култура Нејзините теориски и кураторски интереси се свртени кон постколонијалната критика на хегемонските режими на моќта во претставувањето, родовите разлики во визуелната култура, и феминистичките, партиципациските и колаборативните уметнички практики.

Оваа книга е објавена како дел од проектот Peripheral Visions – towards a trans(l)national publishing culture, кој си поставува за цел да развие меѓународна размена меѓу малите културни и лингвистички контексти на полуперифериите на Европа со меѓусебна поддршка преку ко-продукции, ко-креации, трансфер на знаења и споделување на ресурси.

Преку мултилингвално издаваштво, трансдисциплинирана културна продукција, алтернативна дистрибуција, размена на знаење, дигитални содржини, отворени дигитални технологии, и нови формати на игри, проектот создава меѓународен простор за создавање и експериментирање во издавачкиот процес.

Peripheral Visions е заеднички проект на Културтрегер, Маска од Љубљана, eipcp – European Institute for Progressive Cultural Policies, kuda.org, Контрапункт и Мултимедијалниот Институт со здружените партнери Kulturföreningen Glänta и EUROZINE.

Изданието е финансиски поддржано од Министерството за култура од програмата Креативна Европа на Европската Комисија, финансирана од Европската Унија.