Во понеделник во 11.00 часот, во хотелот Турист (Best Western) ќе биде јавно промовирана „Платформата за родова еднаквост“ и ќе бидат презентирани нејзините цели и насоки на делување.
Платформата е значаен чекор во унапредувањето на родовата рамноправност бидејќи за прв пат толку голем број на организации од граѓанското општество кои работат на полето на родовата еднаквост се здружуваат заради подобрување на целокупната положба на жените во Македонија, соопштуваат од оваа платформа.
Платформата за родова еднаквост ќе се стреми да обезбеди вградување на родовата еднаквост во сите сфери и текови на македонското општество, да ја елиминира сé поголемата стигматизација и маргинализација на жените и да го намали родовиот јаз.
На овој настан,организациите на граѓанското општество кои работат на полето на родовата еднаквост и кои ја гледаат потребата од здружено делување заради унапредување на родовата еднаквост во државата, ќе ја потпишат Декларацијата за родова еднаквост, со што и ќе се вклучат во Платформата.
Вкупно 20 организации, мрежи и иницијативи се основачки на платформата, а таа ќе остане отворена за зачленување на сите други заинтересирани организации, иницијативи и поединци кои се залагаат за родово еднакво општество.