Промоцијата на стихозбирката „Модра мрежа“ од Марина Икономова Шокева, издание на ПНВ Публикации, ќе се одржи в петок, 27 септември, од 19:30 часот во кафе-книжарницата „Буква“.
„’Модра мрежа’ е интроспекција на душевните доживувања пренесени преку два спротивставени поетски јазика, натурална наспрема урбана поезија, метафорите наспрема директните поетски слики од секојдневното живеење“, истакнува Снежана Стојчевска која е промотор на книгата.
Стихови ќе читаат авторката на книгата, Снежана Стојчевска и поетесата Д. А. Лори.
„Песни за оние што во животот се прпелкаат со зината уста, обидувајќи се да ја вдишат или да ја вкусат, барем за миг, слободата што секогаш се чини толку блиску, речиси на дофат, но едновремено недостижна и далечна, заради сите невидливи мрежи што ни ги сплела судбината и заради кои и во сопственото (женско) тело ни е особено тесно“, пишува писателката Јулијана Величковска за книгата.
На промоцијата ќе биде претставена и видеопоезија според стиховите на Шокева, дело на Дамјан Шокев.
Марина Икономова Шокева (Охрид, 1966) дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Авторка е на стихозбирките: „Слики од бунарот“ (2017, Ѓурѓа), „Директни обраќања“ (2019, ПНВ Публикации), „Светот и јас“ (2021, ПНВ Публикации) и „Модра мрежа“ (2024, ПНВ Публикации). Нејзини песни се објавени во неколку поетски алманаси и литературни печатени и електронски списанија во Македонија, во Србија, во Босна и Херцеговина и во Црна Гора, а на англиски јазик, нејзина песна е објавена на страницата на фестивалот „Ледбери поетри фестивал“. Застапена е и во „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ (2023, Поетска ноќ во Велестово). Во 2019 г. на онлајн натпреварувањето во Италија “Quando e la vita ad invitare”, добила втора награда во странската конкуренција.
Истата година добитник е и на специјалната награда „Антево слово“ во Сицилија, Италија. Учествувала на поетски читања во земјава и во регионот. Таа е еден од уредниците на списанието за култура, литература и други уметности „(е)Лит“.