Новата поетска збирка на писателот Дејан Трајкоски, „Филмски песни“ ќе биде промовирана утре (22 ноември) со почеток во 20:00 часот во фоајето на Младинскиот културен центар – Скопје (МКЦ).
„Во поезијата на Трајкоски сведоци сме за едно суптилно чувство за детаљот, и имаме впечаток сличен на оној како кога камерата, во остварувањата на одредени синеасти се приближува до одреден објект не само за да ни го направи она што го снима повидливо и повпечатливо, туку и создавајќи едно скоро хипнотичко дејство, или поскоро – трансцендентално чувство на понирање на набљудувачот не само во визуелната димензија, туку и во суштината на она што се набљудува: како да нѐ води некаде отаде видливото“, пишува писателот и рецензент на книгата Гоце Смилевски.
Збирката е во издание на издавачката куќа „Бата прес“. За време на утрешната книжевна промоција ќе разговараат Гоце Смилевски и Дејан Трајкоски, а песни од книгата ќе изведуваат Пијан Славеј и Гоце Јованоски.
„Поезија на метафизичко проникнување на човековата егзистенција, низ дијалог со филмовите, или делови од нив. Читајќи ја оваа поетска збирка на Трајкоски, соочени сме со поезија богата со специфична визуелна имагинација, и честопати имаме впечаток дека стиховите полни со интимни рефлексии, како и оние со контемплации, се менуваат со стихови со таков визуелен набој, како да се снимени, кадрирани, монтирани, зумирани“, забележува Смилевски во описот за збирката.