Промоција на поетската збирка „На крајот сѐ ќе биде како што треба“ во четврток во „Буква“

Промоцијата на втората поетска збирка од Моника Стојановска „На крајот сѐ ќе биде како што треба“ ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“, на 7 ноември, четврток, со почеток во 19 и 30 часот.

„Во нејзиниот нов поетски ракопис, со нејзината веќе препознатлива поетика, Стојановска постигнува уште повисоко естетско рамниште. Во однос на квалитетот на творечкиот резултат, таа очигледно не е во натпревар со другите, туку самата со себе. Во оваа поетска книга се издвојуваат исклучителни песни, меѓу кои за некои и без задршка може да се констатира дека се антологиски, дури и во контекст на најновите тенденции и вредности во македонскиот стих на XXI век“, вели Иван Антоновски во рецензијата за ракописот „На крајот сѐ ќе биде како што треба“.

Промоторка на збирката ќе биде Катарина Величковска, а поетската збирка е во издание на издавачката куќа „Полица“.