Промоцијата на првиот прирачник за драмска уметност за наставници на македонски и албански јазик ќе се одржи на 15 јуни, среда, во „Јавна соба“, со почеток во 20 часот.
Автор и приредувач на изданието е режисерот и професор Милош Андоновски, а прирачникот е во издание на „Театар за сите“.
Промотери на прирачникот ќе бидат писателката и професорката на ФДУ- Скопје, Ана Стојановска и актерот и режисер Бесфорд Идризи, кој воедно е преведувач на прирачникот на албански јазик.
Модераторка на настанот ќе биде актерката Ангела Стојановска.
Авторите на прирачникот истакнуваат дека театарската уметност во земјава, поточно во средношколскиот (гимназиски) образовен систем, се воведува дури во учебната 2001/02, како изборен предмет со назив Драмска уметност, во јазично – уметничкото подрачје, комбинација Б. Оттогаш не постои ниту учебник за учениците, ниту какво било дидактичко помагало за наставниците.
„Овој прирачник се обидува да го надомести она кое минатите генерации го испуштиле по предметот Драмска уметност, со тоа што на идните генерации ќе им овозможи, ако ништо друго, барем поразнолико и подинамично искуство по овој предмет. Прирачникот по Драмска уметност, пак, вам, како на наставници, ќе се обиде да ви стане партнер во училницата, како и место на сигурност кон кое секогаш ќе можете да се навраќате, низ непредвидливиот процес на изучување на театарот“, нагласуваат авторите.
Прирачникот е бесплатен за наставниците од државните гимназии.