Со толкување на повеќе од 700 поими од областа на медиумската писменост, комуникологијата, новинарството, лингвистиката, филозофијата, антропологијата, правото, економијата, Речникот на медиумската писменост ќе биде промовиран утре, на 31 мај во Културно информативниот центар (КИЦ).
Проекцијата ќе започне во 12 часот, а од Институтот за комуникациски студии (ИКС), кој е издавач на Речникот, велат дека тој претставува прв сериозен обид за систематизирање на термините коишто се појавиле во дигиталната ера и новите начини на комуникација, со развојот на медиумите и со појавата на нови алатки и активности во онлајн-сферата.
„Целта за неговото создавање е да се користи како унифицирана јазична основа и како водич за сите оние што сакаат и што имаат потреба да бидат упатени во областа на медиумската писменост. Достапен e како онлајн публикација на македонски и на албански јазик, а за секој термин е дадена и неговата англиската варијанта. Кај поголемиот број термини дадена е и дополнителна информација за нив, со цел корисникот да добие целосна претстава за самиот термин“, велат од ИКС.
Оттаму нагласуваат дека во креирањето на Речникот учествувале 15 теоретичари и практичари од различни области и образовни институции, а дополнуваат дека публикацијата би се ажурирала и дополнувала.