Во вторник (12 јули) од 19 часот во паркот пред Културно информативниот центар – Скопје ќе се одржи промоција на „Речникот на хомонимите во македонскиот јазик“ од Емил Ниами.
Промотори на Речникот ќе бидат Красимира Илиевска и Симона Груевска Маџоска, а модератор на настанот е Мишел Павловски.
„`Речникот на хомонимите во македонскиот јазик` e уште еден прв речник, овојпат на оние зборови што по својот графиски израз се идентични, но по своето значење се сосема различни. Ова е уште еден пионерски труд, чија важност ги надминува рамките на лингвистичката теорија. Во однос на македонистиката, овој речник го става македонскиот јазик на мапата јазици што имаат фиксирање на јазичните разновидности во речници. Во однос на општата јавност, ваквите трудови помагаа за афирмирање, доближување и развивање за јазикот. Сепак, можеби најважна е неговата употребна вредност за писателите, новинарите и сите чија секојдневна алатка е јазикот, зашто ваквите трудови се нивен важен секојдневен прирачник“, стои во најавата.
Емил Ниами е роден во 1977 година во Скопје. Во 1999 година дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на групите за Руски јазик и книжевност и Американски студии. Во 2007 година ја одбранил магистерската дисертација „Паронимите во македонскиот во споредба со рускиот јазик“. Истата година заминува како лектор по македонски јазик на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Во 2010 година ја брани докторската теза „Антонимите во рускиот во споредба со македонскиот јазик“. Од 2015 година работи во Рускиот центар при УКИМ. Негово поле на интерес се лексикологијата, лексикографијата, традуктологијата и социолингвистиката. Ниами е автор на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик и на првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик, за кој ја доби и наградата „13 Ноември“ за наука во 2021 година.