Со почеток од 20 часот, вечерва во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе биде промовиран првиот роман на Симона Јованоска насловен „Денот на црвот“.
Писателката Калина Малеска вели дека овој роман е „вешто раскажан, со суптилен хумор и умешно поврзување на настаните и лајтмотивите“.
„Овој роман, низ различни перспективи, проникливо ги истражува околностите, животните искуства и личната несигурност како мотиви зад постапките на многубројните впечатливи и реалистични ликови“, вели Малеска.
За писателката Јагода Михајловска Георгиева, „Денот на црвот“ е роман што од ред во ред и од страница во страница постојано изненадува.
„’Денот на црвот’ изобилува со свежи компарации никаде досега сретнати, ненаметлива духовитост, понекогаш и со одмерена доза сарказам. И без исклучок: проникливост и интелигентност! Сето ова во комбинација со неспорниот талент и безмалку зачудувачки зрелата раскажувачка вештина, му овозможува на нејзиното дело висок дострел“, вели меѓудругото Михајловска Георгиева.
Јованоска во 2015 година ја објави дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-или“, а во 2019 година го добива второто место на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“.