Во рамки на шестото издание на книжевниот фестивал „АртАреа“, ќе биде промовиран новиот роман на македонската писателка Николина Андова Шопова, – „Естом“. Промоцијата ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“, каде е главната локација на фестивалот. Настанот ќе започне во 19 часот.
Новиот роман на Андова Шопова неодамна го издаде издавачката куќа „Или-Или“, како дел од едицијата „ПРОаЗа“, а промотор на книгата е писателот Владимир Јанковски.
Во својот осврт за делото, промоторот Јанковски објаснува дека романот „Естом“ продолжува да истражува некои од темите кои се карактеристични за творештвото на писателката, односно необичните човекови судбини, судбините на чудаци кои се разликуваат од околината во која живеат, верувањето во ирационалното и неискажливото како важен елемент на човековиот живот, како и чувството дека човековиот живот се состои од мигови кои не можат целосно и до крај да се објаснат.
„Таков ‘чудак’ кој живее според сопствени правила е и главниот лик во романот ‘Естом’ – пантомимичарот Олег. Врвен во она што го прави, целосно посветен на својата уметност и умешност, Олег наликува на оние уметници кај кои нивниот уметнички сензибилитет целосно се поклопува со нивниот живот и судбина. Живеејќи според поетиката на отсуството, на невидливото, на силината на световите што самиот ги создава, а се помоќни од каква било ‘реалност’, тој успева својот живот целосно да го поистовети со својата уметност“, пишува Јанковски.