Промоција на романот „Јод“ од Снежана Младеновска Анѓелков утре во „Буква“

Промоцијата на романот „Јод“ од Снежана Младеновска Анѓелков ќе се случи утревечер, 23 април, во 19 часот во кафе-книжарница „Буква“.

Содржината на романот објавен кон крајот на минатата година од издавачката куќа „Или-Или“ ќе ја претстават авторката и психологот/психотерапевт Марија Стефанова.

„Романот што започнува како потрага по личните приказни на сезонските работници во Сплит, Република Хрватска, неочекувано го менува правецот во вивисекција на човештвото и соочување со болката од исчезнатите морални вредности. Во ослабена физичка, и дискутабилна ментална состојба, протагонистката низ едно деноноќие се соочува со неморалното и срамно однесување на поединците за кои вели дека се производ на разнишаните општествени столбови и се директна закана за опстанокот на човекот како разумно суштество. Романот е критика на современото општество, а истовремено и моќен глас во копнежот по чесност, вистинољубивост и праведност“, велат од „Или-Или“.

Снежана Младеновска Анѓелков (Скопје, 1977) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа се стекнува во 2012 година. Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011, „Или-Или“) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и истиот потоа доживеа уште четири изданија. Вториот роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист за истата награда.

Во 2022 година ја објави и „Луѓето, а не градот“, книга посветена на Скопје кое веќе го нема. Во 2014 година ја издаде и филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“. Застапена е во тематските збирки раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и „Скопски раскази“ (2023, Темплум), во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press, како и во хрватското списание за литература „Artikulacije“ (2023) и „Michigan Quarterly Review“ (Fall 2024) објавено од Универзитетот во Мичиген, САД.