Промоцијата на новиот роман „Не ѝ верувај на баба ти“ на Натали Спасова ќе се одржи на 27 јануари, понеделник, со почеток во 20 часот во кафе-книжарница „Буква“.
„’Не ѝ верувај на баба ти’ раскажува за Анастасија, малолетничка која исчезнува на пат кон своето училиште. И додека сите новинари се во трка за подобро да ја покријат веста за нејзиното исчезнување, романот ги следи приказните на девет обични луѓе, кои никогаш не ја сретнале Анастасија, и најверојатно нема ниту да ја сретнат. Сепак, според Спасова, оваа книга не е за Анастасија, ниту за тие девет луѓе. Оваа книга е за општеството натоварено со мудрости од претходните генерации, кое гласно ги осудува различните а ја премолчува вината на сличните, кое отвара очи да го види срамот на другите а затвора пред нивните маки, и секогаш е зинато, дури и кога нема ништо паметно да каже“, велат од Здружението за промоција на уметноста, културата и театарот „Скоро театар“.
Ова е четврт роман на Натали, по „Прва љубов во розевата улица“, „Запалка“ и „Двете Принцези“, кои се веќе преведени на украински, српски, бугарски и англиски јазик. Спасова се јавува исто така и како драматург на театарските претстави „The Visitor“, „Dreamcatcher“, „The Last Slav on Earth“ и „Два пати Мери“. Последната е работена според поглавје од нејзиниот нов роман, и, како што информираат од „Скоро театар“, ќе биде прикажана во хибридна верзија – видео запис со драмско читање на промоцијата во „Буква“.
Романот е финансиран од Министерство за култура, а како уредник и издавач се јавува самата авторка, и истиот може да се набави преку веб страницата на „Скоро театар“.