Романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од писателката Фросина Пармаковска, а во издание на ,,ИЛИ-ИЛИ“, ќе биде промовиран утревечер (четврток) во Салонот 19.19 при Културниот-информативен центар (КИЦ), со почеток во 19 часот и 19 минути.
Заедно со новинарот Васко Попетревски, ќе разговараат за процесот низ кој поминала авторката додека го создавала нејзиниот петти роман, кој наиде на добар прием кај читателите по неговото објавување во декември, се вели во соопштението.
,,‘Сѐ уште можам нешто да сторам’ е роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме, таква каква што ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење. Роман за суштинската промена однатре, промена која настапува како резултат на силни и длабоки потреси, искрени соочувања со Себеси, долги разговори во себе низ бројни непроспиени ноќи, роман за чудесното, соништата и постојаното поместување на границата помеѓу тие два света: реалното и чудесното“, соопшти издавачот.
Инаку, Пармаковска е родена во Скопје во 1985 година. Таа дипломирала на Филолошкиот факултет, на катедрата за Општа и компаративна книжевност, а магистрирала на Институтот за македонска литература на Културолошките студии. Зад себе ги има романите: „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“, „Одбројување“ (роман на годината за 2017 г.) и „На враќање“. Во нејзините романи доминираат психологизацијата на главниот и останатите ликови, но и личните подеми и резултирачкиот раст, односно созревањето на главниот лик.