Вечерва во ГЕМ клубот во 20:30 часот ќе се одржи промоција на сликовница за Мечето Ушко.
Станува збор за еден од најомилените детски ликови кој доаѓа од Полска. Освен во книгите и во списанието за деца „Мече“ (Miś), неговите доживувања се присутни во анимираната серија за деца, играниот анимиран филм и во документарен филм.
Првото појавување на Ушко е во комичното списание за деца, „Miś“ во 1957 година . Подоцна станува главен лик на неколку детски книги, преведени на повеќе јазици. Својата најголема популарност ја стекнало во 1975 година, кога Студиото за мали филмски форми, СЕ-МА-ФОР од Лоѓ, ја создало анимираната серија за Полската радио-телевизија.
Анимираната серија била популарна и во други земји. Таа е еден од најдобро продаваните извозни производи на Полската Телевизија, продаден во 22 земји, вклучувајќи ги Канада, Иран и африканските држави. Во Финска е позната како Nalle Luppakorva, а во Словенија како Medvedek Uhec; И во двете земји редовно се емитува на телевизија. Во Унгарија е позната како Füles Mackó, во Каталонија (Шпанија) како Les històries de l’osset Faluc, во Холандија како Teddy Hangoor и во Јапонија како Oyasumi Kuma-chan. Во Финска серијата била толку популарна, што куклите со ликовите од серијата биле украдени од една изложба.
„Во рамките на некогашна СФРЈ се чини дека серијата најголема популарност доживеа токму во Македонија. Генерации деца со нетрпение ја чекаа секоја нова епизода, емитувана во терминот пред вториот Дневник. Серијата започнала да се емитува речиси во исто време како во Полска. Не се знае точниот број на откупени епизоди. „Мечето Ушко“ се емитуваше на Телевизија Скопје, која по осамостојувањето на Македонија се преименува во Македонска радио телевизија. Македонската синхронизација на ликовите му беше доверена на извонредниот Борис Мајсторов, кој му даде еден особен момент на овој лик, па така многу генерации се сеќаваат на Мечето Ушко токму по гласот на Борис Мајсторов“, се вели во соопштението.
Татковците на Мечето Ушко
Чеслав Јанчарски (Czesław Janczarski) е автор на приказните за Мечето Ушко. Неговиот поетски псевдоним бил Јан Анткиевич . Тој на Ушко му подарил поетска мекост, создавајќи го како пријатен, добродушен, чувствителен и по малку наивен лик . Тоа не ги зачудува оние што паметат дека Чеслав Јанчарски пред сè бил поет (исто така пишувал и проза, бил новинар, наставник и преведувач од руски јазик).
Иако богато, творештвото за возрасни на Јанчарски во голем дел останало заборавено, особено неговата поезија. Останал запаметен најмногу по неговите осумдесетина книги за деца. Работел до крајот на животот, починал на 19 мај 1971 година во Варшава . Неговата поезија е тивка, лирична, спокојна со восхит кон природата, кон волинскиот пејзаж, неговите мириси, звуци, бои и неговата бујност . Слично како и во поезијата за деца: чувствителен на убавина, внимавал на секој детаљ. Најмладите ги учел на љубов и почит за секој дури и најмал облик на живот . Во стиховите и приказните прикажувал хармоничен свет во кој децата се чувствуваат безбедно. Воспитувал со отвореност кон другите, воспоставувал модел за добро однесување. Серијата за Мечето Ушко и денес е водич низ внатрешниот и надворешниот свет на малите деца, без оглед каде живеат и на кој јазик зборуваат.
Збигњев Рихлицки (Zbigniew Ryhlicki) е илустратор, графичар, единствен полски автор што ја добил наградата „Ханс Кристијан Андерсен“ (1982), наречена „Мал Нобел“. Неговата визуализација на Мечето Ушко толку силно завладеа со фантазијата на читателите, што не остави место за други. Како што подоцна ќе каже, неговиот ангажман за илустрирање детски книги почнал случајно, но се претворил во долговечна љубов . „Илустрацијата за деца често е нивниот прв допир со уметноста“, објаснувал зошто треба да се посвети повеќе внимание на илустрациите во книгите за деца. Тој создал свој ликовен јазик инспириран од фолклорот. „Карактеристика на илустрациите на Рихлицки е нивната декоративност, нивната оригинална стилизација и недвосмислена комуникативност на ликовите. Неговите илустрации се весели, изразуваат леснотија во формата и во композицијата, а употребата на колажот во илустрациите за Мечето Ушко придонесе за многу интересните решенија. Според Рихлицки, најважно е младиот читател да ја разбере илустрацијата. Тоа разбирање го постигнувал преку реалистично поимање на светот и едноставни контури на појавите и предметите, што ја олеснува перцепцијата кај децата. Декоративноста, стилизацијата и богатството на бои служеле да се задржи вни манието на младиот читател. Прашан која книга што ја илустрирал му е најдрага, одговорил: „Серијата за Мечето Ушко, зашто децата ја сакаат“ . Неговите дела биле изложувани самостојно и групно во Амстердам, Токио, Прага, Софија, Болоња, Пекинг, Братислава, Каиро, Будимпешта, Лондон и др . Починал во 1989 година на Биеналето на илустрации во Братислава, Словачка.
Факти од животот на Мечето Ушко
Споменикот во бронза на Мечето Ушко во центарот на Лоѓ трипати бил отстрануван од улицата: во 2009, 2010 и 2013 година. Првиот пат бил оштетен од камион, а вториот пат споменикот бил отстранет заради реновирање на улицата. Една година по објавувањето на првата книга за Мечето Ушко, во Варшава бил формиран Клуб на Мечето Ушко, а една градинка го зела неговото име. Во годините потоа неколку основни училишта и градинки го зеле името „Мечето Ушко“, а во Варшава тој има и своја улица. За 50-годишниот јубилеј биле изработени монети со ликот на Мечето Ушко, а неговиот лик се нашол и на колекционерски новозеландски долари. Серијата имала проблеми со цензурата. Во една епизода Мечето Ушко им се обраќа на другарите со зборовите на генералниот секретар на ЦК на полската комунистичка партија, Едвард Герек: „Ќе му помогнете ли на просјакот? – Ќе му помогнеме! – одговорија другарите“, оваа сцена била извадена од епизодата. Мечето Ушко се преоблекува по неколкупати во секоја епизода . Има разновидна гардероба: облека за секоја пригода, неколку наметки и голем број пижами. На студентските протести во 1968 година постоел транспарент со натпис „Само Мечето Ушко не лаже!“ Кога студиото Se-Ma-For ги изгубило своите простории, полскиот рапер Електричен Вегож, вознемирен од судбината на Мечето Ушко, направил песна за него, во која пее дека кога е време за добра ноќ, наместо да им пее на децата, Ушко се влече преплашен по небезбедните улици на Лоѓ.