Со почеток во 18 часот, во петок (21 октомври) во Културно-информативниот центар (КИЦ) Скопје ќе се одржи промоцијата на сликовницата „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски и Наташа Андонова.
„Антологискиот расказ ‘Страшна ноќ’ од Славко Јаневски, кој се смета за еден од најубавите раскази во македонската книжевност, е дел од едицијата „Старо купувам“ на издавачката куќа Темплум. Расказот ‘Страшна ноќ’, со помош на извонредната ликовна техника на уметницата Наташа Андонова, се претвора во сликовница која го привлекува вниманието на младите читатели, но не може да остане незабележана ни од читателската публика од сите возрасти“, посочуваат од издавачката куќа „Темплум“.
Оттаму велат дека идејата на оваа едиција, која вклучува домашни автори – поети, писатели, уметници и илустратори, е да се спојат старите и новите автори, но и старите, класични вредности, со новите, актуелни вредности.
„Постарите, делумно подзаборавени дела на значајни претставници на македонската книжевност, преку оваа едиција добиваат ново руво, осносно за прв пат овие текстови се објавени во вид на сликовници, визуелно поддржани од страна на најдобрите современи уметници и дизајнери“, додаваат од „Темплум“.
Промоцијата на сликовницата ќе биде прикажана во форма на Камишибаи претстава, вид на јапонски уличен театар во кој приказните се раскажуваат со употреба на илустрирани картички, и ќе биде водена од Никола Гелевски, Марина Туфекчиевска, Наташа Андонова и Фросина Крушкаровска, додаваат организаторите.