Книгата „Сонувани и будни песни“ од Владимир Мартиновски е двојазично издание на „Кликер“, а песните се препеани на англиски јазик од страна на Милан Дамјаноски. Поетската книга е настаната за време на учеството на Владимир Мартиновски на Меѓународната книжевна програма на Универзитетот во Ајова од август до ноември 2017 година.
Мартиновски (Скопје, 1974) е поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар, преведувач. Работи како редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Автор е на поетските книги: „Морска месечина“ (2003), „Скриени песни“ (2005), „И вода и земја и оган и воздух“ (2006), „Квартети“ (2010), „Побрзај и почекај“ (2011), „Пред и по танцот“ (2012), „Вистинска вода“ (2014), „Внатрешни планини“ (2016) и „Сонувани и будни песни“ (2017). Неговите песни се објавени на дваесетина јазици. Објавил три книги со хаибуни: „Ехо од бранови“ (2009), „Мачка во магла“ (2016) и „Небо без ѕвезди“ (2016).
Автор е и на книжевно-теориските книги: „Од слика до песна“ (2003), „Споредбени триптиси“ (2007), „Les Musées imaginaires“ (2009), „Слики за читање“ (2009), „Споредбени диптиси“ (2011), „Зоон поетикон“ (2013) и „Narro ergo sum“ (2015). Добитник е на неколку книжевни награди: „Браќа Миладиновци“ (за поезија), „Нова Македонија“ (за расказ) и „Димитар Митрев“ (за книжевна критика).