Утре со почеток од 19 часот во Младинскиот културен центар ќе се одржи промоцијата на стихозбирката „Двоумење“ од авторката Ива Дамјановски. Промотор ќе биде Јулијана Величковска, а нејзини дела ќе чита Ѓоко Здравески.
Ива Дамјановски е родена во Скопје. Таа е дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Авторка е на стихозбирката „Тие“ од 2017 година, а добитничка е и на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски ракопис и на второто и дополнето издание на истоимената стихозбирка издадена во 2019 година од ПНВ Публикации. Ива е авторка и на една научна статија и труд од областа на музиката.
Нејзината поезија е преведена на српски, на хрватски и на словенечки јазик. Застапена е во ревијата „Рукописи 40“ (2017), како и во панорамата „32 македонски поети: Гласови на новиот век“. Учествувала на „Астални проекции“ и нејзината поезија е застапена и во монографијата за оваа манифестација, а учествувала и на многу други поетски читања во Скопје.
„Ива Дамјановски е од оние автори на кои им се радувате кога ги читате. Се радувате што некој толку талентиран решил да пишува. Таа е музичар по образование, па не е чудно што поезијата ѝ е еуфонична и што е полна со рими и со игри на зборови. Пишува едноставно, со обичен, секојдневен јазик, но пишува строго и луцидно созерцнува во стварноста што ја живее. Таа созерцателна моќ е најважниот талент од изобилството таленти што Ива ги поседува.Во песните се чувствува и разочарувањето од физичката стварност, од хаосот во светот, се чувствува и гневот во немоќта нешто да се смени во светот полн војни и очигледни неправди, но се чувствува и потребата да му се пркоси на тој хаос, ако со ништо друго, тогаш барем со уметност. Да му се каже на светот: тука сме и гледаме што се случува, гледаме што правите. И сето тоа да се зачини со суптилен хумор и со слатко-кисела иронија и насмевка скриена под мустаќ“, пишува Ѓоко Здравески.