На 26 февруари, утре, со почеток од 19 часот во Музејот на македонската борба ќе биде промовирана стихозборката насловена „На погрешната страна“ на Пајо Авировиќ.
Промотори на ова второ книжевно дело на Авировиќ, а прва збирка поезија ќе бидат Sвездан Георгиевски и Владимир Мартиновски.
„Стихозбирката ‘На погрешната страна’ е своевиден амалгам на вештината на управување со зборот на авторот и насобраната мудрост, пренесена преку кристално чисти и бескрајно хумани пораки. Стиховите на Авировиќ никого нема да остават рамнодушен. Тие удираат директно во стомакот и срцето, при тоа интензивно делувајќи врз мозочните клетки. Со други зборови, „На погрешната страна“ го има оној непроценлив квалитет, неопходен за секоја врвна уметност – ве тера на размислување, при тоа приредувајќи ви непроценливо естетско искуство“, вели Георгиевски во рецензијата за книгата.
Авировиќ е автор на романот „Џахиз и истребувачите на кучиња“ за кој ја добил наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ во 2005 година.