„На ракавот на градот“ е прват стихозбирка на Ивана Јовановска, чија промоција ќе се одржи денес, на 19 мај пред платото на Младинскиот културен центар. Промоцијата ќе започне во 20 часот, промотор на збирката ќе биде професорот и автор, Владимир Мартиновски, додека модератор ќе биде Јулијана Величковска. Збирката поезија е објавена од издавачката куќа „ПНВ публикации“.
„Поезијата на Ивана Јовановска со својата свежина, едноставност и непосредност, со секој нов стих, со секоја нова поетска слика, со секое ново пеење нè потсетува на потребата да се зачува, да се обнови, да се втемели разнишаното достоинство на современиот Човек“, вели Мартиновски во поговорот на збирката поезија.
Според писателката Калина Малеска, Јовановска наоѓа свој автентичен израз со кој ги контролира силните емоции преку нивно метафорично и смирено прикажување.
„Чувството за ритам е видливо преку мали трансофрмации во синтаксичкиот редослед, коишто не го нарушуваат природниот говор, а сепак имаат поетски призвук“, додава таа.
Ивана Јовановска (1998, Скопје) студира на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Учествувала на повеќе поетски читања во Скопје, како „Астални проекции“, феминистичкиот фестивал „Прво па женско 6“, поетските читања во Социјален центар „Дуња“ и др. Нејзините песни се објавени во: списанието за литература „Современост“, порталот за книжевност и култура „Окно“, електронското списание „Репер“, платформата за поезија и книжевност „Фуснота“, интернет платформата „100 Илјади поети за промена“, порталот за феминистичка култура „Медуза“ и на е-списанието на студентите на Филолошкиот факултет „In Medias Res“. Аматерски се занимава и со уметничка фотографија.