Промоција на стихозбирката „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска во кино „Фросина“

Читачката промоција на стихозбирката „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска ќе се одржи во четврток, 12 декември, со почеток во 20 и 30 часот во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

„Уште од самото појавување во современата македонска поезија Јулијана Величковска видливо се издвои со нагласеното љубопитство за поместување и надраснување на веќе освоените стандарди во компонирањето лирска песна кај нас. Затоа и беше за очекување таа наскоро пред читателите да понуди книга песни во проза, но и тој потфат да го продлабочи со плодоносно зафаќање во дијахрониските слоеви на историјата и на книжевната традиција, да ги воспее судбините на митските хероини, суптилно алудирајќи на препознатливите темелни вредности, својства и судбини на женскоста како дел од човечката заедничка вертикала“, вели Санде Стојчевски за поезијата на Величковска.

„’Рајсфершлус’ на Јулијана Величковска претставува храбра и транспарентна автопоетичка книга во која пред нас навидум хаотично нафрланите зборови и зборовни состави прераснуваат во лични и згуснати искази кои, наполнети со емоции, сомнежи и надежи, успешно се преобразуваат во возбудливи лирски песни. Она што претходно соседствувало во (мета)јазикот, звучно или појмовно, заедно со она што наликувало едно на друго, како и она што ги воспоставувало опозитните состојби, всушност сето она што лежело таму скриено и безвучно, во нејзините песни во проза станува видливо и говорливо, добива јасно оформен поетски лик и го презема живиот темперамент на Величковска, заедно со нејзиниот шарм и бистра динамика и ги пленува читателите“, истакнува Весна Ацевска.

Јулијана Величковска е писател, уредник, преведувач и организатор на поетски фестивали. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Авторка е на стихозбирките: „Комарци“ (2010), „Отворена книга“ (2017) и „Рајсфершлус“ (2024); на романот „Годишни времиња“ (2014); на книгата за деца „Ведра“, илустрирана од Марио Каев (2022), за која ја освои наградата за најдобар текст во сликовница за книги издадени во 2021 и 2022 година на Меѓународниот фестивал за литература за деца и илустрација „Литера“, и на повеќе од триесет книжевни преводи. Нејзините песни се препеани и објавени на дваесет светски јазици. Нејзиниот роман „Годишни времиња“ беше преведен на бугарски јазик (Ерго, 2017), избор песни „Кутија на стравот“ беше преведен на азербејџански јазик (Зардаби, 2024), а избор песни во превод на англиски јазик под насловот „Очекувам лавови“ ќе излезе од печат до крајот на 2024 г. во издание на „Три Спајр Прес“ (Three Spire Press), од Корк, Ирска. Нејзини песни и куси раскази се застапени во неколку антологии во земјата и во странство.