Новата поетска книга на Долорес Атанасова – Лори, „Сега ти стануваш јас“ ќе биде промовирана во сабота (25 ноември) во Младинскиот културен центар (фоаје на кино „Фросина“).
„Песните се создадени за кус временски период, под голем креативен набој. Стерната беше отворена и песните надоаѓаа како што надоаѓа вода и допираат длабоко до свеста на читателот кој гледа како песната се создава и исчезнува пред неговите очи, поради краткотрајноста на објавата, како што минува и животот; денес си, утре не си. При тоа читање, привлечена како од магнетска сила влегов во тој вртлог, чувствувајќи ги песните како свои или како свое огледало, што потоа со насловот на книгата се потврди, како поетско-филозофското гледиште дека ‘Секој секому огледало’, дека секој се гледа себеси во другиот или пак дека сите потекнуваме од ист извор и сите во тој извор ќе се вратиме“, пишува во рецензијата поетесата Снежана Стојчевска која зaедно со Ана Голејшка – Џикова се промоторки на книгата.
Промоцијата ќе започне во 19 часот.
Стихозбирката е во издание на „Чудна шума“, а петта збирка поезија на Д. А. Лори по „Будење во трето лице еднина“, „Со ветрот под рака“, „Небо во кафез“ и „Ќе фатит бран“.
Во продолжение дел од стиховите во книгата:
„Ова се последните денови
на мојата младост;
телото почнува да се
влече зад духот,
тешкиот чекор на
времето станува побрз.
Џинот во мене се ослободува
од својата тежина,
му се лупи телото,
му паѓа кожата,
почнува однатре да ѕирка
човекот кој отсекогаш бил.
Еднаш учи да сака,
после учи што сака.
Прво учи да оди исправено,
после учи да си оди исправено.
Ме напушта младешкото Да на сѐ,
сега учам да кажам Не.“