Промоција на стихозбирката „Секој секому огледало“ на 26 мај во Младинскиот културен центар

Со почеток во 20 часот, на 26 мај (четврток) на платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе биде промовирана стихозбирката „Секој секому огледало“ од Андреј Ал-Асади.

Промотор на книгата во издание на „ПНВ Публикации“ ќе биде Лидија Капушевска-Дракулевска, а настанот ќе го модерира Јулијана Величковска.

„’Секој секому огледало’ е време исполнето со смисла. Во оваа книга поезијата повторно пее во ритам и во рима, убавиот македонски јазик е оживеан, на старите подзаборавени зборови им е најдено ново место. Андреј Ал-Асади ем знае што прави ем знае како да го направи тоа. Необична, разиграна книга, а пак сериозна, баш каков што го знам и Андреј – сериозен, строг, со опасна смисла за хумор и со насмевка под мустаќ!“, вели писателот Ѓоко Здравески.

Според поетот Славе Ѓорѓо Димоски, авторот Андреј Ал-Асади „со сигурни чекори го освојува врвот на современата македонска поезија“, а цврст доказ за тоа вели дека е стихозбирката „Секој секому огледало“.

„Станува збор за прочистена и зрела книга, со рафиниран израз и „особен“ поетски јазик. Сите песни се длабоко промислени, експресивни, со амбиција да ги продлабочат и прошират видиците на поетскиот свет. Во нив се препознава вистински мајстор, кој поетските синтагми ги спојува во најубавите и најасоцијативните слики во современата македонка лирика. Поетот апострофира низа податоци, дури и детали од културниот, историскиот, менталниот склоп и со личните, внатрешните превирања, стиховите ги сместува во најфиниот простор помеѓу сетилното и артрикулацијата на мислата. Станува збор за исклучителна поетска книга“, вели тој.

Ал-Асади дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Midnight Blues“, објавена во 2013, „Под дервишовото сиќе“ објавена во 2018 година и „Небесна геометрија“, објавена во 2019 година, со кои влезе во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшки вечери на поезијата.

„Автор е и на збирките раскази ‘Друго минато’, за која во 2018 г. ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис ‘Новите’ од ‘Темплум’, и ‘Утрото на бессоните’ (2021, Бегемот). Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, меѓу кои: Поетска ноќ во Велестово и Струшките вечери на поезијата. Негови песни се преведени на англиски, на арапски, на српски, на хрватски и на италијански јазик“, се додава во најавата за настанот.