„Слобода А“ е новата стихозбирка од поетесата Ана Голејшка Џикова што ќе биде промовирана во четврток (29 септември) со почеток во 20:00 часот во кафе – книжарницата „Буква“.
„Како калеидоскопски слики пред нас минуваат песните во кои можеме да ја видиме Ана како бунтовничка, млада љубовничка, да посведочиме како љубовта создава живот, како тој живот расте, се раѓа и станува живот сам за себе, независен, а сепак, зависен и сврзан. Истовремено исполнета со љубов и страв од неизвесност, погодена од реални проблеми и притисоци под кои сите сме натиснати: живот во пандемија, под влијание на пропаганди и општа хистерија, притисоци што повторно ја будат бунтовничката во Ана, онаа што единствено може да живее од и за слободата“, пишува Снежана Стојчевска која ќе и биде промотор на збирката.
Модератор на настанот ќе биде Јулијана Величковска, а во рамки на промоцијата ќе има и музички настап на дел од ВИС „Тркалезна маса“.
Збирката „Слобода А“ е во издание на ПНВ публикации, а е издадена во поддршка на Министерството за култура.
Ана Голејшка Џикова дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Таа е автор на стихозбирките „Љубов на улица“ и „ Напишан дом“ и на сликовниците за деца „Веселата зграда“ со илустраторот Драган Китановски-Драш, „Лисичката плетачка“ и „Лепчето што расте“, и двете во соработка со илустраторката Иванка НиБа.
Нејзини песни и куси раскази се објавени во неколку антологии, а редовно објавува и во периодиката. Учествувала на бројни поетски читања и фестивали во земјата и во странство. Со поетот Ѓоко Здравески ги основаа и ги водеа книжевните читања „Астални проекции“ во Скопје и коавтори се на монографијата „Астални проекции“.