Промоција на стихозбирката „Змијарник“ од Тања Ступар Трифуновиќ во среда во МКЦ

Промоцијата на стихозбирката „Змијарник“ од Тања Ступар Трифуновиќ ќе се случи во среда, 6 ноември од 20 часот во бифето на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. За „Змијарник“ авторката ја освои наградата „Васко Попа“, за најдобра поетска книга во 2022 година.

Препевот на македонски е на Јовица Ивановски, и беше поддржан од „Традуки“. Промотор ќе биде Јулијана Величковска.

„Песните на Тања Ступар Трифуновиќ се развиваат низ мотивско поврзување на добро познати топоси, но на начин на кој вешто се избегнуваат доминантните наративи во кои тие, како по правило, се појавуваат во нашата поезија. На овој начин поетесата од една страна ги разоткрива овие наративи како стратегија на моќ и доминација, потиснување и обесмислување на нашето лично, но и колективно постоење, а, од друга страна, нуди лирски и трезвени, често груби увиди во меѓучовечките односи, местото на човекот во историјата, и она што по логика на нештата нè очекува во немилосрдниот свет во кој живееме. Таа поаѓа од најинтимниот простор на љубовта, како кревко заедништво врз основа на кое е сè уште можна исполнетоста на личното постоење, но коe е непрестајно загрозенo како од внатрешниот така и од надворешниот свет. Потоа се сосредоточува на мотивот на родината, по која е насловена книгата ‘Змијарник’, во кој ни дава слика на оскудна и осиромашена земја, ‘пуста земја’ во метафорична и во вистинската смисла на зборот, во која животот бил и останал непрестајна борба со материјалните околности, дали за создавање дом, за таткото и мајката, за одгледување на потомството, борба против гладот и немаштијата, и, конечно, за гол живот, во маката и меѓучовечките конфронтации“, рече Стеван Брадиќ, писател и претседател на жирито за наградата „Васко Попа“.

Додека, писателот и главен уредник на „Архипелаг“, Гојко Божовиќ истакна дека „од камерниот свет на емоции, за кои се зборува моќно и сугестивно, преку несмирената слика на родината која е од другата страна на какво било општо место, Тања Ступар Трифуновиќ стигна до критички изострената слика на општеството и светот во кој поствистината ја сменила вистината, во кој слободата веќе нема ни цена ни трајност, додека единката секогаш одново се соочува со барањето: ‘Понекогаш светот треба да се измисли од почеток’“.

Тања Ступар Трифуновиќ (Задар, 1977) дипломирала на Филолошкиот факултет во Бања Лука. Објавила шест книги поезија, книга раскази, два романа и графичкиот роман „Морето беше мирно“ во соработка со Татјана Видoјевиќ (илустрации).
Преведена е на англиски, шпански, бугарски, унгарски, германски, полски, словенечки, македонски, руски, чешки, дански, италијански и француски јазик. Добитничка е на повеќе награди за поезија и проза, меѓу кои Наградата на Европската Унија за литература (EUPL) 2016 г. за романот „Часовниците во мајчината соба“, наградите „Ристо Ратковиќ“ за најдобра поетска книга во регионот и „Милица Стојадиновиќ Српкиња“ за најдобра поетска книга напишана од жена на српски јазик, за стихозбирката „Размножување на домашните животни“, Виталовата награда „Златен сончоглед“ за најдобра книга објавена на српски јазик во 2019 година за романот „Откако си купив лебед“.

Настанот го организира „ПНВ Публикации“.