Во рамки на 9-тото издание на КРИК – фестивалот за критичка култура насловено „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“, годинава Контрапункт, во својата едиција Пунктум посветена на новите критичко-теориски правци на мислата и дејствувањето, објавува три книги од еден од најзначајните и најпредизвикувачките теоретичари на уметноста и филозофи, комплексно полемичниот Гералд Рауниг.
„На македонски јазик ќе ги имаме трите најзначајни книги на Рауниг: ‘Уметност и револуција’ во превод на Катерина Шекутковска, ‘Дивидуа“ и Дисeмблажа’, во превод на Жарко Трајаноски, кои наскоро, според copy left принципот, за кој Рауниг, исто како и Контрапункт се големи застапувачи, ќе бидат објавени и online, во PDF формат“, соопштуваат од КРИК.
Оттука, велат тие, на 3 јуни, со почеток во 19:30 часот во Националната галерија „Чифте амам“, низ дијалог помеѓу Рауниг и Ивана Драгшиќ ќе биде промовирана култната „Уметност и револуција“, во превод од германски јазик на Катерина Шекутковска.
„’Уметност и револуција’ е своевидна алтернативна историја на уметноста на ‘долгиот дваесетти век’ која го покрива периодот од Париската комуна, од 1871 година до турбулентните протести против глобализацијата во Џенова во 2001 година. Правејќи детален, прецизен и теориско-креативен премин од ситуационистите и Сергеј Ејзенштајн кон виенскиот акционизам и Publixtheatre Caravan како проект на Volxtheater Favoriten, меѓународна театарска трупа базирана во Виена која е со уметнички и длабоко политички предзнак и која развива критички перформанси, ‘Уметност и револуција’ се осврнува на револуционерните исчекори во уметноста и во општеството и оптимистички го исцртува излегувањето од своите приказни за трагичен неуспех и недвосмислена катастрофа“, стои во соопштението на КРИК.